Повик за средношколски есеи за влијанието и улогата на Магна Карта

Младински образовен форум и Британската амбасада во Скопје го отвораат Магна Карта конкурсот за есеи од средношколци.

На овој повик право на учество имаат сите средношколци од Македонија, а можат да одберат да напишат текст на една од следните теми:

I. Влијанието на Магна Карта врз уставноста во светот

II. Независно правосудство како предуслов за владеење на правото

III. Улогата на Магна Карта во развојот на демократијата

Овој повик го обележува осум вековното постоење на Магна Карта како почеток на развивањето на идеите за слобода и демократија и важен документ кој служи како пример за создавање на многу идни декларации. На 15 јуни 1215 година кралот Џон бил принуден да го потпише овој документ со што се ограничува неговата моќ, а воедно бароните и другите луѓе се стекнуваат со голем број на права, кои претходно ги немале. Оваа годишнина е поттик да истражат, научат и ги споделат своите мислења низ есеј.

Конкурсот е отворен до 20 ноември 2015, а заинтересираните средношколци своите есеи треба да ги испраќаат електронски на konkursi@mof.org.mk. Есеите треба да бидат на македонски, албански или англиски јазик, со должина од најмалку 500 зборови а најмногу 1200 зборови.

По затворањето на повикот тричлена комисија ќе ги одбере најдобрите три есеи, односно од секоја тема ќе се избере најдобриот есеј. Победниците ќе имаат можност да прочитаат извадок од есејот на завршниот настан – конфернцијата Магна Карта, на која ќе земат учество средношколци, професори и директори. Победниците ќе добијат книги и сертификат врачен од страна на амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, н.е. Чарлс Едмунд Герет на самата конференција. Есеите ќе бидат и јавно објавени.

Конференцијата Магна Карта  ќе одржи на 11 декември во МКЦ -Скопје, а на настанот ќе се дискутира за вредностите на Магна Карта и нејзиното значење за човековите права и слободи во современиот свет. Проектот „Дијалог и демократија – вредноста на Магна Карта во денешно време“ е  поддржан од Британската амбасада во Скопје.

За повеќе информации, можете да се обратите на konkursi@mof.org.mk или 02 3139 692.