Повик за средношколци за развој на социјални иновации

Здружението Лидери за едукација, активизам и развој отвори повик за средношколци кои би учествувале во програмата UpShift за социјални иновации. Таа се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и зелената одржливост.

Преку програмата учениците ќе имаат можност да стекнат: Вештини и компетенции за социјални иновации, практична примена на вештините во реализација на социјална иницијатива и посилна врска и одговорност кон локалната заедница.

„Преку Design Thinking методологијата 10 избрани финалисти ќе развијат решенија врз основа на проблемите/предизвиците на 3 дневен настан со помош на назначени ментори. На самиот настан се презентираат сите решенија и се избираат 5 победнички решенија кои се наградени со 120000 денари за имплементација на решението“, стои во повикот.

Петте победнички тима ќе посетуваат еднодневна обука за застапување, а дополнително се претставуваат и на еднодневен настан за дополнителна поддршка од заедницата и прибирање на средства.

Со помош на назначен ментор, 5-те тима ќе го реализираат замисленото решение и притоа креираат план за понатамошен развој на социјалната иницијатива.

Повикот е отворен за сите средношколци на возраст од 14 до 19 години кои се дел од јавните средни училишта.

Секој тим мора да биде составен од 5 члена од кои најмногу 3 члена можат да бидат од ист пол. Тимовите силно се охрабруваат да вклучат ученици од маргинализираните групи (ученици од социјално загрозени семејства, ученици со попречености и сл.)

Дополнително секој тим треба да назначи еден одговорен наставник.

Два и повеќе тима од исто училиште е возможно да аплицираат само доколку: сите членови на тимот се различни, проблемот/предизвикот кој е идентификуван е различен и одговорниот наставник е различен.

Аплицирање се врши со пополнување на апликациската форма на следниот ЛИНК најдоцна до 03.04.2022.

Од пристигнатите апликации, ќе бидат селектирани 10 финалисти врз основа на следните критериуми:

1. Потреба – најмногу 10 поени

Колкава е потребата за поддршка за изнесениот предизвик/проблем во рамки на училиштето и локалната заедница?

2. Степен на влијание – најмногу 10 поени

Какво влијание може да се направи во рамки на училиштето и локалната заедница доколку се реши предизвикот/проблемот?

3. Јасност и концизност – најмногу 10 поени

Колку напишаната апликација е јасно презентирана и разбирлива?

Во рамки на овој повик за социјални иницијативи, тимот на LEAD ќе организира онлајн информативна сесија која ќе одржи на 21 март (понеделник) од 14.00ч. На неа можат да учествуваат сите заинтересирани учениците, наставници и училишта. За да се пријавите за учество на сесијата потребно е да се регистрирате на следниот ЛИНК.