Повик за средношколци да учат на еден од Светските обединети колеџи со стипендија

Меѓународната организација којашто образува ученици од сите краишта на светот United World Colleges (UWC), објави повик за средношколци кои моментално ја завршуваат својата втора или трета година средно образование  за да учат на еден од Светските обединети колеџи.

Учениците кои аплицираат за време на нивната трета година средно образование, во случај да бидат избрани, мораат да поминат две години на еден од колеџите, иако веќе ја имаат завршено нивата трета година, односно поворно ќе мораат да ја учат третата година средно образование.

При испраќање на апликацијата, ученикот аплицира за позиција на еден од шестте колеџи кои оваа година имаат испратено понуда до Македонскиот национален комитет.

Ученикот не аплицира за конкретен колеџ на кој тој/таа би сакал да оди. Комитетот, по завршување на последната фаза на селекција, кога веќе ќе ги избере најдобрите кандидати, одлучува кој кандидат најдобро би се вклопил на кој колеџ.

Оваа година учениците можат да аплицираат за позиција во Кина, Велс, Коста Рика, Босна и Херцеговина, Германија и Италија.

Од UWC за Радио МОФ велат дека оваа година сите колеџи имаат испратено и понуда за стипендија, но точниот износ на стипендијата се разликува од колеџ до колеџ.

Учениците кои ќе се пријават мораат да бидат работливи и совесни и да искажуваат афинитети кон одредени предмети, без разлика од предметите и досегашниот успех покажан во нив. Исто така, сите ученици мора да имаат познавање на англискиот јазик, јазикот на кој се изучува програмата Меѓународна матура (IB).

Формалните критериуми се следниве:

1. Сите пријавени кандидати мора да бидат ученици на втора година во средно училиште.

2. Сите пријавени кандидати мора да имаат просечен успех во средното училиште повисок од 4.50.

3. Сите пријавени кандидати мора да бидат државјани на Република Македонија и/или да имаат живеено на Република Македонија најмалку пет години.

4. Сите пријавени кандидати мора да ги почитуваат правилата за апликација на Македонскиот Национален Комитет.

5. Сите пријавени кандидати мора да бидат спремни да бидат амбасадори на Р. Македонија во Светските Обединети Колеџи и да ја претставуваат државата во нивниот престој во следните две години.

6. Сите пријавени кандидати мора да бидат комуникативни и позитивни ученици.

Повикот за пријавување е достапен на овој линк, додека повеќе информации за процесот на селекција може да го проследете овде.