Повик за солидарност за новинарите од Фокус

Здружението на новинари на Македонија ги повикува сите новинари и граѓани на Република Македонија да се солидаризираат со новинарите од неделникот „Фокус“ – Јадранка Костова и Владо Апостолов, кои врз основа на пресудата на Апелациониот суд од спорот против директорот на УБК Сашо Мијалков, треба да исплатат 9.000 евра во име на нематеријална штета за клевета и судски трошоци.

Повик за солидарност за новинарите од Фокус

ЗНМ смета дека пресудата е неправедна и е директно насочена против критичното новинарство, која е суштинска потреба за функционирањето на македонската демократија.

– Колегите не се во можност да го исплатат надоместокот, затоа ЗНМ упатува повик за мобилизирање и солидаризирање на членството, новинарската заедница и јавноста во Македонија. Сметаме дека нашата поддршка ќе придонесе да опстои слободната мисла и критика кон начинот на практицирање на власта во РМ. Освен тоа, сметаме дека поддршката на новинарите и јавноста ќе биде директен придонес во зачувувањето на слободата и на изразувањето во Македонија, се вели во повикот.

Од ЗНМ ги повикуваат граѓаните во рамките на нивните можности да уплатат средства на следната жиро-сметка:

ЗНМ Солидарен Фонд: 300000003296484
Комерцијална банка
Цел на дознака: Донација за новинарите на Фокус
Оние кои сакаат да донираат преку електронско банкарство во делот кој се однесува на повикување на број потребно е да стават било кој број, пример „1“.

Повик за солидарност со новинарите на Фокус денеска пристигна и од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, која исто така организира настан за собирање на финансиски средства. Настанот ќе се одржи во барот Дамар во Старата Скопска Чаршија на 14.10.2014 со почеток од 21 часот.