Повик за работилница за радио водители на Радио МОФ

Радио МОФ распишува повик за учесници на дводневна работилница за радио водители, на кој ќе предава Кристина Стојчиќ (Петар за појадок и пауза, Метрополис Радио.). Преку запознавање на онлајн радиото како современ медиум и Радио МОФ како медиум кој првенствено им служи на младите, уметноста и помалку слушнатите членови на општеството, основната цел на работилницата е да ги научи учесниците на основните вештини потребни за водење на радио емисија, но и да ги инспирира да разработуваат теми кои ретко се наоѓаат во класичните, мејнстрим медиуми.

Во текот на работниот процес, учесниците ќе бидат повикани и мотивирани  да споделуваат идеи, да работат индивидуално и во групи и конечно, да разработат концепт за сопствена емисија.

Работилницата преку теоретска и практична работа ќе има за цел да ги обучи учесниците како да креираат интересни содржини за радио емисија, да уредуваат и да спроведуваат онлајн кампањи кои би привлекле поголема слушаност (користење на дигитални алатки и социјални медиуми, гостувања, планирање на содржините за одредена публика итн.).

Обуките ќе се реализираат на 2 и 3 септември во Радио МОФ, каде учесниците ќе имаат можност да видат како функционира секојдневната работа, снимањето и емитувањето на емисиите. Бројот на учесници е ограничен, a учеството е бесплатно. Обуките ќе се одвиваат на македонски јазик.

После спроведената обука, со помошта на новинарите и техничарите од Радио МОФ, учесниците ќе имаат можност да осмислат и водат сопствена тематска или музичка емисија.

Сите заинтересирани треба да аплицираат најдоцна до 31-ви август 2017 со испраќање целосно пополнет формулар на следниот линк. За повеќе информации обратете се на petar_antevski@mof.org.mk или контактирајте ја организацијата на : 02/3139 692. Потврда за учество ќе им биде испратена на одбраните учесници по истекот на рокот за пријавување непосредно пред почетокот на тренинзите.