Во рамки на третото издание на КРИК – фестивал за критичка култура ќе се одржи работилница за критичко пишување „Текст и изведба“ со Иван Додовски. Фестивалот објави повик за учество на работилницата, кој е отворен до 7 декември.
Работилницата ќе се одржи на 12 декември (среда) од 14:30 – 16:00 часот и на 13 декември (четврток) од 10:30-16:00 часот во Музеј на современа уметност – Скопје.
Рок за пријавување: 7 декември 2018 година.
Критиката е толкување и суд за светот, кој без неа останува неразгатнат. Ако не се разгатне смислата, останува стравот – од себеси и од другите, кои станале „пекол“. Така, без критика, без потрага по смисла, зграпчени од стравот, умираат заедниците. Но, како да се пишува добра, разумна, издржана критика, особено кога е таа непосакувана или дури протерана од јавниот простор? Ова прашање ги засега сите уметности, меѓу кои и театарот. Работилницата за критичко пишување „Текст и изведба“ има цел да побуди интерес за критиката и за нејзината моќ да ја преведува смислата што се артикулира на сцена.
Работилницата опфаќа четири сесии (по 75 минути), во два дена, со практични вежби за: анализа на критички практики, и
пишување критички текст за гледана изведба.
Учесниците ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења и вештини за бележење на елементите на изведбата и за нивно толкување во контекстот на општествените дискурси, очекувања и судири.
Работилницата е отворена за студенти и за професионалци што се на почетокот на својата кариера, кои сакаат да дознаат повеќе за важноста и за ризиците на јавниот критички говор и кои имаат интерес за театар, драма, литература, новинарство, режија, продукција, културологија, философија и за други сродни дисциплини.
Повеќе информации и формулар за пријавување можете да најдете на следниов ЛИНК.
* * *
Иван Додовски е професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС). На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. За време на докторските студии, завршил напредни курсеви за критичка теорија. Досега објавил три поетски книги, збирка раскази и бројни научни трудови, а приредил и десетина значајни томови од областа на книжевната наука, меѓународните односи и европските студии. Скорешниот научен интерес на Иван Додовски се однесува на врските меѓу литературата и политиката и репрезентациите на идентитетот, особено во современата драма. Бил селектор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1998 година, како и медијатор на „тркалезната маса“ на критиката во 1997 и 1999 година. Ги водел разговорите на критиката на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица во 1999 година. Бил претседател на меѓународното стручно жири на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево во 1999 година. Претседавач е на Македонскиот комитет на Европската мрежа за преводна драма „Еуродрам“ со седиште во Париз.