Повик за работилница на тема „Насилство, врски и односи“

Во склоп на петтото издание на „Станица: Студентска“, невладината организација ХЕРА ќе одржи две работилници во времетраење од два часа, на следните теми:

  1. На работилницата Насилство, низ интерактивни активности ќе се работи на темата сексуално вознемирување во училиште.
  2. На работилницата Врски и односи исто така низ интерактивни активности ќе се работи на темата тинејџерски врски.

На работилницата за насилство ќе се изучуваат елементите на насилство, типовите на насилство, како жртвите го доживуваат насилството, со фокус на насилството во образованието. Едукаторите од ХЕРА ќе го опфатат и силувањето како чин на насилство, митови за силување, како и казните и последиците кои следуваат за секаков тип вознемирување/насилство.

Втората работилница, за врски и односи, ќе ги опфати тинејџерските врски. Како врски кои имаат голема улога во понатамошното градење на адолесцентите, едукаторите од ХЕРА ќе го стават фокусот на самата работилница токму на ова. Ќе бидат претставени релевантни податоци за овие врски, какво влијание имаат за младите и околината и кои се елементите на една здрава врска.

Работилниците ќе започнат во 14 а ќе завршат во 16 часот. Можете да се пријавите на двете, но доколку сакате и само на една работилница. Пријавувањето е на следниот линк. Рокот за пријавување завршува на 20 април 2017 година во 12 часот.

„Станица: Студентска“ е настан посветен на вмрежување, едукација и соработка помеѓу младинските и студентските органзиации. Настанот се одржува на 25-ти април (вторник) во Јавна соба од 12 – 18 часот.