Повик за обука на ЗНМ за млади новинари и студенти

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави повик за обука за новинари со неколкугодишно искуство, млади новинари и студенти во рамките на проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“

Според ЗНМ, главната цел на обуката е да се постигне општо разбирање на новинарите за начинот како да се известува за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.

„Програмата е дизајнирана да им помогне на новинарите и другите медиумски професионалци да ја завршат својата работа со информирање на јавноста за овие специфични настани. Ова значи дека обуката не само што ќе им овозможи на учесниците стекнување на ново знаење, туку исто така ќе ги мотивира да го користат истото во пракса, а со тоа ќе придонесат кон ублажување на негативните ефекти при известувањето за насилен екстремизам и тероризам“, стои во повикот на ЗНМ.

Две работилници се организираат во текот на месец ноември а третата на 09-10-11  декември 2020 година, по четири часа дневно теоретска и практична работа преку апликацијата ZOOM.

По завршувањето на секоја од работилниците, велат од ЗНМ учесниците, групирани во тимови од 4-5 лица со различно ниво на искуство ќе добијат барање да напишат тематски статии (максимум по 3 страници од приказна) за насилниот екстремизам и тероризмот. Додека ги подготвуваат тематските статии, тимовите ќе добијат уредничка помош од постари колеги.

Намерата е да се добијат 12 тематски статии кои што ќе се преведат  (на албански или македонски јазик) и ќе се промовираат преку on-line платформите на партнерите во проектот (веб-страници, канали на социјални медиуми, итн.).

За создавање на една тематска статија е предвиден надоместок 24.500 МКД по статија.

Повеќе инфо за повикот ТУКА.