Повик за нови членови во Младинските клубови на МОФ

Младински образовен форум отвора повик за нови членови во младинските клубови!

Клубовите на МОФ ќе ти овозможат да се предизвикаш себе си, да научиш многу во неформална атмосфера и да се вклучиш на бројни онлајн и офлајн локални, национални и меѓународни настани. Опкружувањето со супер друштво ќе те мотивира да се подобриш и да стекнеш нови искуства и знаења надвор од формалното образование.

Кој клуб е за тебе, зошто би се вклучил во младински клуб и како ќе изгледаат предавањата во текот на следната година, се информации кои ги има подолу во оваа објава. Разгледај ги описите на клубовите подолу во текстот и одбери каде ќе се вклучиш. Резервирај го своето место!

Во согласност со учебната година, предавањата во клубовите за средношколци ќе започнат во текот на ноември 2020, а ќе се случуваат онлајн се додка состојбата не дозволи да се дружиме во живо.  Термините во кои ќе се одржуваат неделните предавања ќе се договорат помеѓу членовите и предавачите на клубовите.

Линк до прашалникот за пријавување – кликни тука

АРТИВИЗАМ

Сакаш да експериментираш со уметноста како средство за слободно изразување? Сакаш да дознаеш како да станеш младински активист? Дали си склон кон стекнување нови знаења, нови другарства и нови идеи? Ти треба креативна слобода?

Тогаш клубовите – Артивизам во склоп на МОФ се местото каде што треба да членуваш. Артивизам е можност за тебе да практикуваш слобода на изразување и да се запознаеш со креативни начини за пренесување на своите ставови, интереси, афинитети, склоности, барања и идеи.

Во Артивизам клубовите ќе имаш можност да ги изградиш своите капацитети, дознаеш повеќе за себе и околината, стекнеш вештини и знаења, се забавуваш и креираш нов круг на пријатели.

Секоја година, повеќе од 200 членови од различни градови имаат можност од да научат за граѓански активизам, медиумска писменост, креирање младински весници, фанзини, мурали уметност, стенсили, стикери, постери, фотографија и видео прилози.

ДЕБАТА

Преку глава ти е од неорганизираните и безвредни дискусии кои секојдневно ги слушаш околу тебе?  Сакаш да научиш како вистински да дебатираш и да ја победиш секоја дискусија со пријателите и соучениците?  Или пак можеби имаш желба конечно да ја победиш вечната трема од јавни настапи и презентации и да станеш добар оратор?

Ако одговорот на барем едно од овие прашања е да, тогаш дебатната програма е вистинското место за тебе!

Дебатниот клуб на МОФ оваа година онлајн продолжува со својата работа! Во склоп на неделните предавања, ќе  научиш за компетитивна дебата, техниките за одржување на говор, побивање, аргументирање на туѓи аргументи и анализирање на теми од различни области и сфери. Ти и твојот тим ќе можете да се натпреварувате на локални, национални и меѓународни дебатни турнири.

Стани дел од дебатен клуб, и во следната дискусија наместо да го повишиш тонот, ќе го подобриш аргументот.

УЧИМЕ ПРАВО

Знаеш ли дека не смееш да повторуваш учебна година? Секој ученик има право на дополнителна и додатна настава. Дали се прашуваш што ти се случува кога ќе добиеш закана за бркање од училиште со 10 неоправдани?

Членовите на Учиме право клубовите имаат можност практично да се запознаат со работата на државните институции и службеници преку посети на рочишта во Основните судови, седници на општинските совети, средби со градоначалниците, претседателот на државата како и посети во разни институции и министерства. Ваквите активности се уникатен пристап и можност, за проучување на институционалниот систем, како на локално, така и на национално ниво.

Учиме право клубовите се насочени и кон подигање на свеста за средношколските права, организирање и учество. Преку предавањата, членовите ќе имаат можност да ги запознаат своите права и обврски во училиштето и заедницата, начините на кои може да ги остварат, но и механизмите преку кои ќе може да ги заштитат. Преку ова, Учиме право клубовите придонесуваат кон изградба на активни млади, гласноговорници против сите форми на потиснување на правата и активни чинителни во процесите на креирање политики кои нив ги засегаат, затоа зачлени се!

Доколку ви се потребни повеќе информации може да ни се обратите:
преку порака на facebook или Instagram страната на МОФ,
на obuki@mof.org.mk, или пак
на телефонскиот број: 02/3139-692

Младинските клубови на МОФ се дел од проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија и дел од Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија.