Повик за настан за млади „Кулирај, рециклирај, донирaj: Е-отпад“

Во кафе и филм „Котур“ на 21 ноември (среда) од 19 часот ќе се одржи настан за млади именуван „Кулирај, рециклирај, донирaj: Е-отпад“.

Организатори се „Скопје лаб – Центар за иновации на Град Скопје“ и „Нула отпад“, од каде прашуваат дали младите знаат што е е-отпад, како се генерира, кои се најголеми придонесувачи и какви сè последици има на човекот и на животната средина доколку соoдветно не се одложува?

„Постојаниот општествен напредок заедно со брзиот технолошки развој придонесува до сè поголемо производство и употреба на електрични и електронски уреди и опрема. Кога овие уреди и опрема ќе станат неупотребливи или нефункционални, тие стануваат електронски отпад.  Е-отпад е значаен проблем како во развиените така и во земјите во развој бидејќи покрај многуте компоненти, содржи опасни супстанци кои се штетни за животната средина и здравјето на луѓето ако не се соодветно третирани или отстранети. Во 2017 година, во светот се направени 47,8 тони на е-отпад, алармантен број кој константно се зголемува!“, соопштуваат организаторите.

Од тука, велат тие, произлегуваат неколку прашања: Што би можело ние да направиме за да го спречиме зголемувањето на е-отпадот? Какви тековни иницијативи и мерки постојат за управување со е-отпад? Како да помогнеме во подигнување на свеста за значењето од правилно управување со е-отпадот и кај другите групи на граѓани?

Инаку, настанот е отворен за млади на возраст од 14 до 18 години.

„Доколку имаш интерес за темата и сакаш да дадеш придонес во креирање на нови активности и мерки, регистрирај се на goo.gl/TrCxVB, најдоцна до среда, 21 ноември, 12 ч. Бројот на учесници е ограничен. Настанот ќе биде интерактивен со неколку забавни елементи, кратка информативна сесија и дружба, a за донесени 3 батерии следува и бесплатно кафе!“, повикуваат организаторите.

Бројот на учесници е ограничен и селекцијата се врши според правилото „прв дојден – прв услужен“.