Повик за музичари за „Skopje street music festival“

Објавен е повик за првиот фестивал на улични музичари „Skopje street music festival“, кој ќе се одржи од 21 до 24 јуни оваа година.  Во четирите дена на шест различни локации, публиката ќе имаат можност да слушне различна музика изведена од врвни музичари, но и од аматери.

Сите заинтересирани соло музичари, музички групи и улични артисти може да се пријават на конкурсот што ќе трае до 23 мај (среда).

Повеќе информации и апликацијата може да се најдат на официјалната страница http://skopjestreetmusicfestival.com. Конечната листа на изведувачи ќе биде направена по завршување на конкурсот, од селекторот на фестивалот.

Според организаторите, уличните фестивали нудат една посебна убавина и магија, пред сè заради непосредностаи интеракцијата што се создава помеѓу изведувачите и публиката.

„Ваквите настани на отворено се многу значаен фактор за развој на културното живеење во градот. Нашата визија е да создадеме фестивал кој ќе ги урне стереотипите за уличната уметност и ќе ја направи квалитетната музика достапна за сите граѓани“, велат организаторите.

Покрај домашните, на „Skopje street music festival“ предвидено е да настапат и улични музичари од Хрватска, Србија и Грција.

Организаторите очекуваат содржина која ќе биде интересна, оригинална и достојна на една метропола и која ќе ја надополни и збогати атмосферата и амбиентот на Скопје за жителите и за туристите.

„Со понудената програма Скопје ќе се вброи на мапата на улични музички фестивали, на која веќе се наоѓаат голем број градови од речиси сите европски земји“, стои во најават за настанот.

Фестивалот се организира под покровителство на Град Скопје, а коорганизатор е ЈУ Конгресен Центар „Александар Македонски”.