Повик за „медиа хаб“ работилница на „Станица: Студентска“

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество ја организира седмата „Станица: Студентска“ на 23 април на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Во склоп на овогодинешната „Станица: Студентска 7.0.“ ќе биде организирана работилница во облик на „Медиа хаб: Здружена редакција – Работилница со новинари од Радио МОФ“.

За таа цел, објавен е повик за сите студенти кои се интересираат и сакаат да се стекнат со искуство од областа на новинарството, да се пријават и да земат активно учество во оваа работилница.

„Медиа хаб“ ќе биде организиран така што пријавените учесници ќе се стекнат со теоретски основи за известување од настан, пренесени од искусни новинари од Радио МОФ и ќе добијат можност таквото знаење да го применат во пракса и под менторство на новинарите од Радио МОФ во текот на самиот настан. Пријавените учесници ќе треба да прават интервјуа со учесници и присутни на настанот, да напишат  новинарски извештај за случувањата на настанот и да изработуваат мултимедијални производи. Сите активности на учесниците на работилницата ќе се објавуваат на посебна страница на Радио МОФ.

Сите заинтересирани студенти за учество на оваа работилница можат да се пријават на следниот ЛИНК.

Станица: Студентска е настан кој има за цел промовирање на активностите на студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и дејствување. Настанот е можност за студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области. Исто, студентите ќе можат директно да се запознаат со студентските организации, како и да се зачленат во некоја организација. На Станица: Студентска 7.0 ќе биде организиран саем на младински организации, паралелни предавања во две простории, работилници и „chill out“ зона.