Повик за креирање на идејни решенија за алтернативна сообраќајна сигнализација во Центар

Советот на млади на општина Центар отвори повик наменет за студенти, за идејни решенија кои ќе послужат за алтернативна сообраќајна сигнализација, која би била поставена во општината.

Станува збор за креативна сообраќајна сигнализација која би била изработена во форма на знаци, табли, панели, банери, билборди, без ограничувања во формата, бојата и содржината на идејните решенија. Целта на овие знаци, како што велат од Младинскиот совет, е на естетски, забавен но, и едукативен начин да ги потсетат сите учесници во сообраќајот, односно возачите, патниците, пешаците, на сообраќајните правила и безбедноста.

„Концептот треба да е едноставен и лесен за реализација. Воедно, при изработката, е потребно да се има во предвид законското ограничување кое ви го пренесуваме во прилог:

Член 198, Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата

На пат не смеат да се поставуваат табли, знаци, светла, столбови или други слични предмети со кои се засолнува или се намалува видливоста на поставените сообраќајни знаци или кои со својата форма, боја, изглед или место на поставување имитираат или личат на некој сообраќаен знак или ги заслепуваат учесниците во сообраќајот или го одвраќаат нивното внимание во мера која може да биде опасна за безбедноста на сообраќајот.

Истакнуваме дека предлог проектите не смеат да се однесуваат или да наликуваат на законски пропишаната вертикалната и хоризонтална сообраќајна сигнализација.

Доколку се работи за идејно решение наменето за печатење, дизајнот треба да се достави во резолуција подготвена за печатење, како векторски фајл, или ако се работи за слика во реална димезнија со резолцуција 300 DPI. Во спротивно, предлогот да вклучува детален план за реализација, како димензии и предлог за материјал.

Заедно со предлог-проектот, ве молиме доставете и кратка биографија.

Напоменуваме дека конкурсот е наменет за млади диазајнери – студенти, кои немаат значително работно искуство. Секоја лажна информација вклучена во вашата биографија ќе биде причина за дисквалификација.

Биографијата да биде доставена во PDF формат“, стои во повикот.

Селекцијата во првиот круг ќе ја врши комисија составена од експерти и претставници од општината. Во вториот круг, избраните решенија од првиот круг ќе бидат објавени за гласање на социјалната мрежа Facebook. Решението кое ќе добие најмногу гласови ќе се реализира и за него ќе следува и парична награда во износ од 30 000 денари.

Повикот започнува на 02 јуни 2016, а ќе трае до 19 јуни 2016 година. Предлозите добиени по истекување на рокот нема да бидат земени предвид. Проектите се доставуваат на sovetnamladi@centar.gov.mk.