Повик за избор на „Најдобар млад научник 2015“

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2015 година ќе биде отворен уште две седмици. Признанието веќе шеста година по ред го доделува македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

Носителот на признанието за 2014 година, м-р Даниел Денковски, денеска одржа предавање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на тема „Локализација на предаватели во сценарија со несигурни позиции на сензорите: Алгоритми и граници на поведение“ и пред присутните ја претстави својата работа.

ДАНИЕЛ ДЕНКОВСКИ: РЕТКОСТ Е ВО МАКЕДОНИЈА ДА РАБОТИШ НА НАУЧНО ИСТРАЖУВАЊЕ

„Сакам да истакнам дека наградата „Најдобар научник на Македонија за 2014 година ми беше мотивација да продолжам со мојата научно-истражувачка работа која што резултираше во една исто така плодна година“, изјави Денковски.

Проектот „Најдобар млад научник“ инициран од страна на претседателот Иванов има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2015 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години кои во досегашната научна работа имаат постигнати научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат.

ПЕТАР СТОЈАНОВ: САКАМ ДА СУМ ЕДЕН ОД ОНИЕ ШТО ЈА СПОЈУВААТ МАКЕДОНИЈА СО СВЕТОТ

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2015 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија. Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември.