Повик за дводневен тренинг за средношколско и студентско учество

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија, организира дводневен тренинг за градење на капацитети за средношколско и студентско учество наменет за средношколци од четврта година на 27 и 28 јуни, во Хотел Водно – Скопје.

Целта на овој тренинг е средношколците од четврта година, односно идните студенти да се запознаат со студентското организирање и да ја препознаат неговата важност и улога во текот на нивното идно студирање. Преку тренингот се очекува да се зајакнат капацитетите за потенцијалите студентски претставници од следната академска година, особено кај оние ученици кои пројавуваат тенденции за општествена ангажираност.

Со овој тренинг МОФ ќе работи на ориентирање и информирање на овие млади за високото образование и како да бидат квалитетни и проактивни студентски претставници или да ги следат и да бараат отчетност и одговорност од своите студентски претставници. Тренингот ќе овозможи знаења и вештини за: функција, правна рамка и структура на високото образование, формирање и функција на студентски организации, политики за високо образование и студенти, говорнички вештини, застапување и консултации, како и водење кампањи за избори.

Преку овие тренинзи, ќе се започне со градење на капацитетите за идни потенцијални студентски претставници и активни студенти кои ќе се трудат нивниот глас да биде чуен од нивните претставници. По тренингот, учесниците ќе изведат по една симулација на студентско собрание,содржински и методолошки осмислена и создадена од тимот на МОФ.

Сите заинтересирани млади кои сакаат да го продолжат своето образование на некој од универзитетите во Република Северна Македонија може да се пријават на следниот ЛИНК.

Крајниот рок за пријавување е 17 јуни до 23:59 часот.

Трошоците за превоз, храна и сместување се покриени од страна на организаторот – МОФ. Дополнителни информации може да се побараат на : eftimovborjan1@gmail.com или пак 02/3 139 692.