Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ отвори повик за ангажирање на студенти во нивниот ткн. Студентски сервис.
„Дали ги знаеш сите одговори на прашањата поврзани со студирање на твојот факултет, сесии, кредити, професори и си дежурен пулт за информации помеѓу колегите, а за возврат си добил/а само фала?
Во тој случај ти си вистинскиот студент за повикот за ангажирање студенти во проектот „Студентски сервис“ на УСС УКИМ“, се вели во повикот.
Инаку, студентски сервис е слично на студентски прашања, но во овој случај се даваат одговори. За својот ангажман, студентите ќе добиваат 3000 денари месечно.
„Во јануари конечно ја лансираме нашата веб страна во која покрај другото ќе има и дел токму за поставување прашања од страна на студентите. Потребен ни е по еден студент од секој факултет кој ги знае сите проблематики од неговиот факултет и еден студент кој е запознаен со прашања поврзани со генерални прашања од областа на студентскиот живот како стипендии, студентски домови, студентски субвенциониран оброк и слично“, се вели во известувањето на УСС УКИМ.
Заинтересираните треба да пополнат формулар достапен на следниот ЛИНК најдоцна до 31 декември.