Повик на МОН за грантови до учлилиштата за унапредување на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција

Министерството за образование и наука (МОН) објави јавен повик за доделување на грантови за основните и средните училишта кои ќе реализираат заеднички наставни и воннаставни ученички активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата, а кои можат да се реализираат самостојно во училиштето, во кое наставата се реализира на повеќе наставни јазици или во партнерство со друго училиште.

„Основната цел на овие грантови е промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите, и притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент“, информираат од МОН.

Од Министерството додаваат и дека грантовите, во висина до 30.000 денари, ќе бидат доделени на 65 основни и 25 средни училишта, кои ќе бидат селектирани со рангирање од Комисија за вреднување на пристигнатите апликации согласно одредените критериуми.

Дополнителни информации и документите за аплицирање можат да се најдат на следниов ЛИНК.