Повик до средните училишта за учество во натпреварувачката едукативна симулација „Имам став“

Отворено е пријавувањето за новата сезона на едукативната активност „Имам став!“, организирана од страна на Собранието, која ќе се одржи виртуелно во текот на март и април. На активноста може да се пријави секое средно училиште од земјата.

Едукативната активност „Имам став!“ претставува симулација на процесот на поднесување предлог-законот во рамките на Собранието. Како што самото име посочува, активноста со која раководи Парламентарниот Институт, ги поттикнува учесниците да имаат свој став во врска со актуелните политички теми и ќе имаат можност да ги бранат приложувајќи свои аргументи.

Една од најважните цели на оваа активност е да се приближи работата на Собранието и донесувањето закони до младите. Тоа според организаторите ќе придонесе во развивање на свеста за демократија и поттикнување како и подготовка за општествена и политичка вклученост и критичност.

Учесници на симулацијата, којашто ќе започне на 15 март, се ученици од средно образование, кои се предводени од најмногу тројца ментори-професори. Учеството на „Имам став!“ е колективно, односно учесниците се пријавуваат како група, а не индивидуално. Поради состојбата со КОВИД-19, Парламентарниот Институт реши оваа година симулираните седници да се одржуваат виртуелно.

Едукативната активност „Имам став!“ се одржува од 2019 година. Училиштата што досега се натпреварувале го споделуваат своето искуство и ја истакнуваат важноста на самата активност, којашто сметаат дека позитивно влијае врз учениците.

„Младината е иднината на државата, а секоја држава е иднината и напредокот на светот. „Имам став“ е токму таква активност, која што ни дава можност да се ставиме во кожата на луѓето кои одлучуваат за нас: Парламентот, Собранието и пратениците; како е да ја чувствувавме нивната енергија и свет? Треба да бидеме претпазливи и да одлучиме кој ќе биде нашиот животен избор, кој што бара претходни подготовки. „Имам став“ е токму активност со претходна подготовка, подобра перцепција на оваа професија, одлично говорење и ораторски вештини. Да се биде правник и водич на една држава значи многу, а ретко кој умее и успева. Токму од оваа креативност ќе пронајдеме кој е најдобриот, бидејќи ние не учиме од најуспешните, туку од најискусните“, изјави Јована Петровска, ученичка од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, која три пати досега учествувала на „Имам став!“.

На ова се надоврзува Игор Христов, директорот на СОУ „Љупчо Сантов“- Кочани, училиште кое повеќе години учествува   во активноста.

„Учениците сакаат да учествуваат на вакви активности бидејќи афирмираат свое критичко размислување, се запознаваат подлабоко со законодавниот дом, како и неговата важност и значење во општеството. Учениците го осознаваат значењето на граѓанскиот активизам преку којшто може да се вршат иницијативи за менување на правните норми, како и важноста од владеењето на правото во нашата држава. И за крај, се поттикнува креативниот и натпреварувачкиот дух на учениците од различни училишта. Ова е добра практична платформа за покажување и изразување на ученичките знаења од областа на правото“, смета тој.

На финалниот настан ќе учествуваат најдобрите три училишта и победникот се закитува со свечен пехар доделен од страна на претседателот на Собранието.

Сите учесници добиваат виртуелна обиколка на зградата на Собранието, како и награди и признанија. Рокот за пријавување завршува на 20 февруари.

Оваа активност е подготвена по примерот на едукативната активност „My Point of View“ од страна на Сојузниот Парламент на Швајцарската Конфедерација.