Повик до хонорарците за граѓанска непослушност

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права од прес конференцијата пред Министерството за труд и социјална политика ги повикаа хонорарците на граѓанска непослушност.  Поради се поголемото непочитување на законите кои ги штитат работничките права, но и неисполнетите ветувања од страна на Владата за пензиско и здравствено осигурување во рамки на изменетиот закон за хонорарни работници, автентичните левичарски организации и автентичните синдикати повикаа хонорарците да се придружат на масовниот социјален протест кој ќе се одржи на 1 Мај.

„Кога законите не се праведни, кога не ги штитат граѓаните, тогаш граѓаните имаат и природно, морално и суверено право да не ги почитуваат. Повелбата за солидарност за заштита на работничките права ги повикува хонорарците на граѓанска непослушност. Ги повикува оние 1000 од вкупно 100 000 кои платиле придонеси, затоа што сметаме дека измените на законите за опфаќање хонорари не им дадоа ниту пензиско ниту здравствено, онака како што беше ветено, не им дадоа правна сигурност.“ –изјави Тамара Чаусидис, претседателка на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници.

Од Повелбата потсетуваат на укажувањата дека воведувањето придонеси за хонорарите ќе  создаде голем административен товар кој власта нема капацитет да го менаџира, но и покрај тоа одби да ги стави во мирување новите законските обврски за хонорарите.

„Лицата кои се оневозможени да бидат вработени во редовен работен однос и кои се принудени да работат за хонорар се една од најзагрозените категории работници, кои се лишени од многу права што, по закон, им следуваат на лицата во редовен работен однос. Меѓу другото, во најголем број случаи, нивниот месечен хонорар е понизок од месечната плата на многу работници. При таква ситуација, воведувањето обврска за нив да плаќаат придонеси за хонорарите во голема мера значи нивно опасно приближување до работ на сиромаштија“, потсетуваат од Повелбата.

Оттаму посочуваат и дека со воведувањето обврска за плаќање придонеси за хонорарите постои опасноста во иднина голем дел од работната сила во Македонија да биде хонораризирана.

Потписници на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права се Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на УПОЗ, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Синдикатот на културата на РМ, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.

М.К.