Повик до дизајнери и занаетчии за учество во новоформираната заедница ,,Лаб дизајн маркет“

Едукативниот културен центар ,,Лабораториум“ на 28 февруари отвора нов изложбен салон и заедница на македонски дизајнери и занаетчии – ,,Лаб дизајн маркет“, кој ќе работи од вторник до сабота од 12 до 18 часот.

По тој повод, од таму ги повикуваат сите дизајнери и занаетчии кои изработуваат производи и нудат услуги во полето на текстилот, модните додатоци, индустриски производи, мебел, дизајнерски производи наменети за деца, за домот, осветлување итн., со фокус на рачната изработка, одржливост, еколошкото и етичко производство.

,,Идејата на маркетот е да им се понуди на македонските дизајнери најдобриот начин на поддршка, а тоа е продажба на нивните производи, директно во маркетот и на интернет продавницата. Со основањето се очекува да се створи заедница меѓу дизајнерите од која ќе зајакне локалната дизајнерска сцена, ќе произлезат соработки и заеднички ќе се делува на подобрување на довербата на клиентите во македонскиот дизајн,“, стои во соопштението.

Заинтересираните учесници може да најдат повеќе информации за критериумите и условите за учество ТУКА. Повикот е отворен до 20 февруари.

Апликациите ќе бидат разгледани од стручна комисија која ќе одлучи за тоа кои ќе бидат учесниците во заедницата.

Проектот е поддржан од ,,Fashion Revolution Macedonia“.