Повелбата за солидарност: Ги отфрламе измените за хонорарите, ќе има протести во петок

Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци ги отфрлаат најавите за измени на законите за придонеси за хонорарна работа и остануваат на барањата доставени на 12 декември, од кои првото е повлекување на овие законски измени.

„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и доцнења на приходите. Затоа остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок во 14 часот. Нема да ви помине!“, порачуваат потписниците на Повелбата.

Денеска најава за измени на т.н. Закони за хонорарци стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека до Собранието ќе достават предлог за изменување на Законот којшто од 1. јануари годинава ги задолжуваше сите оние коишто ќе добијат хонорар над 9.500 денари, без разлика дали се вработени или не, да плаќаат и придонеси, покрај данокот. Предлогот на пратениците од најголемата владејачка партија меѓу другото предвидува вработените лица кои земаат хонорари под просечната македонска плата (од 21.300 денари) да не плаќаат дополнителни давачки бидејќи се вклучени во системот на социјално осигурување. За невработените лица пак кои земаат хонорари над минималната плата  (од 9590 денари), со овој предлог би се плаќале придонеси на разликата меѓу нивниот хонорар и минималната плата.

Барањата на Потписниците на Повелбата за солидарност пак се повлекување на законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, засилени инспекции на Инспекторатот за труд за да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос како и  повишување или укинување на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата што сега изнесува 6 просечни плати.