Повелба: Законот за хонорарите ќе ја отвори „Пандорината кутија“

„Не сме убедени дека законските измени што ќе стапат од 1 јануари ќе го решат проблемот со правата од пензиското и здравственото осигурување на лицата со прикриен работен однос, кои вршат работа без договор или врз основа на договор за дело“, реагираат денеска преку заедничка повелба Самостојниот синдикат на новинарите и на медимските работници (ССНМ), левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда „Ленка“, Синдикатот на УПОЗ и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

„Сметаме дека овие законски измени ќе ја создаваат можност за дополнително намалување на правата на работниците. Законските измени ќе ја отворат „Пандорината кутија“, зашто ќе ги поттикнат работодавачите наместо договори за вработување да склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените работници. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата (плаќање придонеси од плата и персонален данок), но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за вработените кои ги отпуштаат и друго“, реагираат потписниците на повелбата.

Тие се противат и на тоа што од плаќањето придонеси за хонорарите се изземени државните функционери.

„Избраните и именуваните лица во секоја демократија треба да бидат во служба на граѓаните, а не да бидат носители на дополнителни привилегии во однос на граѓаните. Според Уставот на Република Македонија, сите, вклучително и избраните и именуваните лица, се еднакви пред Уставот и законите“, се вели во повелбата.

Потписниците на повелбата бараат власта да ја одложи примената на овие закони и да се отвори дебата за ова прашање, а преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос.

Извор: НоваТВ