Повеќе од илјада бегалци го напуштија Идомени и се обидуваат да ја заобиколат оградата кон Македонија

Повеќе од 1000 бегалци излегоа од кампот во Идомени во близина на грчко-македонската граница во обид да најдат пат околу оградата која го блокира нивниот влез во Македонија, јавува Ројтерс.

Голема група бегалци маршира надвор од импровизираниот камп, каде повеќе од 12 илјади луѓе се заглавени во ужасни услови откако Македонија и другите балкански земји ги затворија границите и со тоа се затвори балканската рута за бегалците.

Фото: Ројтерс

Фото: Ројтерс

Сега бегалците се обидуваат да најдат празнина во бодликавите жици на оргадата која Македонија ја изгради за да ги задржи бегалците, кои во голема мера бегаат од воените зони во Сирија и Ирак.

Според Ројтерс, тие се упатиле западно од кампот во долга колона која оди по калливи патеки. Нема знаци од полицијата во близина на бегалците.

Кога стигнаа до една река, мигрантите протегнаа јаже за да се помине низ неа и формираа „човечки синџир”, рече фотографот на Ројтерс, Стојан Ненов . Мигрантите ги носат децата низ реката на рамењата.

По преминувањето на реката, мигрантите стигнуваат до граничната ограда и одат по неа се обидувајќи се да најдат начин да влезат во Македонија, јавува Ројтерс.

Претходно, македонската полиција изјави дека тројца бегалци – двајца мажи и една жена – се удавиле додека се обидувале да преминат река во близина на границата со Грција , која беше надојдена од силниот дожд.

Бегалците се жалат  на ужасните услови во Идомени каде нема доволно храна и вода и хигиената е на загрижувачко ниво. Бегалците, меѓу кои мнозинството се деца, стари и изнемоштени лица и инвалиди, спијат под отворено небо, на дожд и ладно време. Повеќе за ситуацијата на Идомени, во видеото на Радио МОФ.

Извор: Ројтерс