Повеќе од две недели на веб-страницата на Железници стојат линкови за симнување пиратски содржини

Три линкови кои водат кон веб-страници за симнување на бесплатни пиратски содржини повеќе од две недели стојат на почетната страница на сајтот на Македонски железници транспорт (МЗТ). Еден од нив е вметнат во самиот текст каде што пишува „Дознајте ги најновите информации за Ковид-19 во Северна Македонија“, а линкот води кон веб-страницата „CrackySofts“, каде се тврди дека бесплатно може да се симне пиратска верзија на „Corel Draw x7“.

Следниот линк што може да се забележи не е поврзан со текст, туку се наоѓа помеѓу известувањето на МЗТ дека „нудиме логистички услуги во областа на конвенционалниот транспорт…“, каде помеѓу текстот е вметнат линкот „idm 6.32 crack“. Тој пак води до друга веб-страница „Piratewares“, каде се тврди дека може бесплатно да се симне пиратска верзија од „Internet download manager“.

На почетната страница, највпечатлив е линкот за симнување на бесплатна пиратска верзија на Фотошоп, насловен „Adobe Photoshop CS6 Free Download Full Version for Windows 7 32 Bit“. Тука, линкот е вметнат во делот каде МЗТ наведуваат свои услуги, а исто така води кон веб-страницата „CrackySofts“ каде можат да се најдат многубројни пиратски содржини.

Радио МОФ и претходно пишуваше на темата, а испрати и прашања до Железници. До објавувањето на овој текст не добивме одговор, во однос на тоа дали тие се запознаени со линковите, кој ги има поставено, дали веб-страницата можеби била мета на хакерски напад, но и дали и кога овие линкови ќе бидат отстранети од веб-страницата.

Кон крајот на јули пак, веб-страницата на МЗТ беше недостапна за интернет-корисниците. Истовремено, нив ги пречекуваше главна порака „Сметката е суспендирана“, каде се наведуваше „Контактирајте го вашиот хостинг провајдер за повеќе информации“.

Хостинг провајдерите со ваква порака ги известуваат корисниците дека нивната веб-страница е привремено недостапна, а причините може да бидат различни.

ПОВРЗАНО: На веб-страницата на Железници се појави линк за симнување на Фотошоп

Мартин Колоски