Најмалку 622 лица загинаа, а повеќе од 1.500 се повредени по разорниот земјотрес со јачина од 6 степени што го погоди Авганистан соопшти утринава талибанското Министерство за внатрешни работи
Земјотресот се случил во неделата пред полноќ во планинската провинција Кунар, со епицентар 27 километри североисточно од градот Џалалабад во соседната провинција Нангархар, соопшти Американската геолошка служба (USGS). Дваесет минути подоцна, во истата област бил регистриран и нов потрес со јачина од 4,5 степени, објави Гардијан.
Најмногу жртви и повредени се пријавени во окрузите Нур Гул, Соки, Ватпур, Маноги и Чападаре, информира Управата за справување со катастрофи. Потресот се почувствувал и во главниот град Кабул.
Екипите за спасување се обидуваат да стигнат до оддалечените планински предели, но ограничените комуникации и тесните патишта ја отежнуваат мисијата. Властите во Кабул побараа меѓународна помош за справување со последиците.
Забихула Муџахид, портпарол на Талибанците, исто така, синоќа изјави дека локалните власти мора да ги искористат сите свои ресурси за да спасат луѓе.
Авганистан се наоѓа во сеизмички активен регион, а земјата и претходно била погодена од смртоносни земјотреси.