Повеќе од 60 трговци покачиле цени, главно на лимони

Во надзорите спроведени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 23 до 27 март утврдено е дека повеќе од 60 трговци ги покачиле цените на одредени производи, претежно на цените на лимоните, а во сите случаи се вратени цените кои биле утврдени на 11 март, соопшти денеска претседателката на инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска. ДПИ во овој период во соработка со инспекторите од управата за јавни приходи извршиле вкупно 928 надзори на цените на одредени производи.

Но, Филиповска Грашкоска додава дека е констатиран и голем број неосновани пријави за зголемени цени на лимони кај одредени трговци, за што апелираше граѓаните да пријавуваат само кога навистина има реални непочитувања на владините мерки. Во меѓувреме, само во текот на минатата недела затворени се  22 угостителски објекти во Скопје, Куманово, Гостивар и Тетово.

Државниот инспекторат за транспорт пак, во овој период извршил вкупно 183 инспекциски надзори, а притоа било констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно дека тој е намален за 90%.

„При вршењето на овие надзори, забележан е случај на прекршување на препораките на владата за намалување на капацитетот при превоз за 50%, односно констатирано е дека еден автопревозник не ги почитувал препораките за преполовување на бројот на патници при превоз, и поради тоа се преземени соодветни мерки“, додаде Филипвоска Грашкоска.

Агенцијата за лекови извршила 36 надзори, а оттаму констатирано е дека нема специфични отстапувања, односно дека секторот ги почитува препораките, но и дека се одржува ред во аптеките, а цените се согласно препораките и одлуките на владата.

Од страна на Државниот инспекторат за труд пак, се извршени 748 контроли, донесени 13 решенија и 48 укажувања за работодавачите кои не постапиле по владините препораки. Агенцијата за храна и лекови извршила 367 надзори, при што се изречени 19 мерки поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна од овластени институции.

„Констатирана е и работа на вработени без здравствен преглед за санитарна книшка, при што вработените се веднаш отстранети од објектот. Дополнително се издадени и четири решенија за месарници и маркети за констатирана лоша општа хигиенска состојба во објектите поради што е наредено веднаш да се спроведе дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, додаде Филиповска Грашкоска.

М.К.