Нова коалиција на движења, наречена Мнозинството (The Majority), а составена од повеќе од 50 граѓански организации и движења, ќе се обиде да се избори против агендата на Трамп. Дел од неа се голем број познати организации посветени на „правдата, слободата и правото на живот со достоинство и почит“.
Движењето за црнечки животи (The Movement for Black Lives) се приклучи кон коалицијата, а многу од организациите учеснички работат со заедниците во ризик, меѓу кои црнечката, латино-американската, домородната заедница, лицата кои живеат во сиромаштија и ЛГБТ лицата.
Black Lives Matter, 350.org, Indigenous Environmental Network, Dream Defenders, Familia: Trans Queer Liberation Movement и Fight for $15, сите се вклучени, претставувајќи широк опсег на проблеми и идентитети кои се под влијание на политичката агенда и штетната реторика на администрацијата на Трамп.
„Нашата цел е да создадеме моќно движење за сите луѓе кои и се посветени на слободата“, пишува на веб страницата на Мнозинството. „Тоа значи дека не ги негираме нашите различности. Ги прифаќаме и градиме движење кое е храбро, опширно и доволно големо, за да ги вклучи нашите многу реалности“.
Групата сега започна 28 дена директна акција за да се спротивстави на администрацијата на Трамп, организирајќи протести, предавања и маршови низ целата земја. Мнозинството се надева дека ќе ги искористи овие настани за да ги едуцира и вклучи луѓето во локалните и националните проблеми, кои би можеле да им наштетат на ризичните заедници во САД.
Официјалната 28-дневна соработка започна на 4 април, на 50-тата годишнина од иконичниот говор на Мартин Лутер Кинг Помладиот, „Преку Виетнам“, и 49-тата годишнина од неговото убиство. Ќе биде завршена со протестите на Меѓународниот ден на трудот на 1 мај.
Иако масовната соработка треба да заврши на 1 мај, од Движењето велат дека сите вклучени во коалицијата планираат да продолжат да организираат настани за да се справат со заканите и политиките против маргинализираните заедници во мандатот на Трамп.
„Иако е на власт, омразата не е мнозинството“, пишува на веб страницата. „Луѓето кои веруваат во слободата, правдата и човечноста на сите луѓе се мнозинството, и доста ни беше. Нема да стоиме настрана и да гледаме како нашите заедници се распаѓаат“.