Повеќе од 50 000 лица протестираа во Тел Авив поради забраните за транс-фестивали

Повеќе од 50.000 Израелци излегоа на улиците на Тел Авив во четвртокот вечерта, на протест поради тоа што властите спроведоа нови ограничувања што доведоа до откажување на најмалку 5 фестивали. Демонстрантите и љубителите на музиката повикуваат на “слободата да танцуваат”.

На протестот учествуваа голем број популарни израелски уметници, меѓу кои и Азакс Синдром, Рајзинг Даст, Ејс Вентура, Блис, Капетан Хук,Спејс Кет, Астрал Проџекшн и многу други.

Популарните „Инфектед машрумс“ со соопштение дадоа поддршка на настанот „Не можеме да бидеме со вас на протестот, но нашите срца се со вас, протестирајте за вашето право да танцувате“.

Минатиот месец беше откажан популарниот „Дуф фестивал“ поради “широко распространета употреба на дрога”. Фановите протестираа на плоштадот Рабин во Тел Авив, што доведе до 15 апсења и голем број повредени, вклучувајќи и полицајци.

Според организаторите на фестивалот, полицијата го сменила својот став кон големите фестивали откако двајца мажи починале од предозирање со дрога на „Neverland Electronic Music Festival“ во октомври.

Израел е познат во светот како центар на „псајтранс“ фестивалите, со долга историја која трае неколку децении.