Повеќе од 130 држави се сложија на минимален данок на добивка од 15% и поправедна распределба на корпоративниот профит

Мнозинството држави потпишаа историски договор со кој треба да се направат промени во даночните системи кои ќе обезбедат поправедна распределба на светското богатство.

Договорот, кој го потпишаа 136 држави, се заснова на два столба. Првиот е воведување минимален данок на добивка од 15%, а вториот е поправеден систем на оданочување на профитите на мултинационалните компании, односно поголема надлежност на државите да ги оданочуваат мултинационалните компании кои функционираат во рамките на нивните граници, и покрај тоа што тие немаат физичко седиште во државата.

Оданочувањето на профитот, која се очекува да ги погоди дигиталните гиганти како Амазон и Фејсбук, ќе ги опфати компаниите кои имаат глобални приходи поголеми од 20 милијарди евра и профит повисок од 10%. Четвртина од секој профит над 10% ќе биде пренасочен и оданочен во земјите каде тој профит е остварен.

Според Организацијата за економски развој и соработка (ОЕЦД), која ги предводеше преговорите помеѓу државите повеќе од деценија, новите даночни правила ќе донесат нови 150 милијарди долари од минималниот данок на добивка и дополнителни 100 милијарди долари од поправедното оданочување на профитите, со што ќе се помогне на економиите кои се опоравуваат од пандемијата. Според нив, овој договор нема намера да ја елиминира даночната конкуренција меѓу државите, туку само да ја ограничи.

„Договорот ги обновува клучните елементи на меѓународниот даночен систем стар еден век, кој веќе не е соодветен во глобализираната и дигитализираната економија на 21-от век“, додаваат од ОЕЦД.

Договорот доаѓа по долгогодишната пракса мултинационалните компании да ги пренасочуваат своите профити преку држави каде има ниски даноци со цел да ги намалат своите трошоци.

Но, и покрај ова, критичарите на овој договор велат дека нивото од 15% е многу ниско, додавајќи и дека корпорациите ќе ги заобиколуваат овие нови правила.

Новите даночни политики треба да започнат да се применуваат најдоцна до 2023 година.