Повеќе од 100 мажи уапсени во Чеченија „поради сомнежи дека се геј“

Властите во руската република Чеченија започнаа „анти-геј“ кампања, поради која повеќе од 100 мажи се уапсени. Наводно тројца се убиени, пишува рускиот весник Новаја Газета и активистите за човекови права.

Извештајот на весникот тврди дека повеќе од 100 лица биле приведени, а тројца убиени во рацијата. Меѓу приведените имало и познати телевизиски лица и религиозни фигури.

Алви Каримов, портпарол на чеченскиот лидер, Рамзан Кадиров, го опиша извештајот како „апсолутна лага и дезинформација“, основајќи го своето тврдење на „фактот дека нема геј луѓе во Чеченија“.

„Не можете да приведувате и судите луѓе кои едноставно не постојат во оваа република“, рекол за новинската агенција Интерфакс.

„Ако имаше такви луѓе во Чеченија, органите за спроведување на законите немаше да имаат што да им прават, бидејќи нивните роднини би ги испратиле некаде од каде нема враќање“.

Портпарол од министерството за внатрешни работи, за руски весник рекол дека извештајот бил „шега за 1 Април“.

Сепак, Екатерина Сокирианскаја, проектен директор за Русија од Интернационата кризна група, за Гардијан изјавила дека добивала загрижувачки информации за овој проблем од различни извори во последниот период.

„Слушнав дека се случува во Грозни, надвор од Грозни, и помеѓу луѓе од различни возрасти и професии“, рекла таа.

Екстремното табуизирање на темата значи дека многу од информациите доаѓаат од втора или трета рака, а се уште нема сосема потврдени случаи, додава таа.

„Речиси е невозможно да се добијат информации од жртвите или нивните семејства, но бројот на сигнали кои ги добивам од разни луѓе прават да ми е тешко да поверувам дека дека казнувања и насилство не се случуваат“.

Чеченија е формално дел од Русија, но функционира како квази-независна држава, во која зборот на Кадиров често ги надминува руските федерални закони. Тој го надгледуваше повторното градење на републиката со пари од Москва, после две разорувачки војни. Кадиров неколку пати лобираше за легализирање на полигамијата, задолжителното носење на хиџаб за сите жени во јавните места и колективно казнување на роднините на оние кои се дел од исламистички радикални групи.

Чеченското општество е строго конзервативно, што значи дека место роднините или активистите да пријавуваат кај властите ако нивен геј роднина исчезне, почесто се случува нивното семејство да се откаже од нив. Властите велат дека ако е познато дека некое семејство има член кој е хомосексуалец, другите роднини ќе имаат проблем да стапат во брак поради „семеен срам“.