Повеќе од 100 геј мажи од Чеченија испратени во „концентрациони кампови“

Хомосексуалци во Чеченија се приведувани и испраќани во „кампови“ во Чеченската Република, каде се редовно тепани и мачени, тврдат организациите за заштита на човековите права.

Минатата недела организациите јавија дека повеќе од 100 геј мажи беа приведени во Чеченија, а најмалку тројца биле наводно убиени. Прв медиум кој ги објави сериозните прекршувања на човековите права е рускиот весник Новаја Газета, како и активистите за човекови права.

„Во Чеченија е дадена команда за „превентивна чистка“, а се извршуваат и убиства“, тврди Новаја Газета.

Тогаш, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, преку портпарол ги негираше тврдењата, тврдејќи дека „никој во Чеченија не е хомосексуален“.

„Не можете да уапсите или репресирате луѓе кои едноставно не постојат во републиката“, изјави портпаролот за Интерфакс.

„Ако вакви луѓе постоеја во Чеченија, законот немаше да треба да се грижи за нив, бидејќи нивните сопствени роднини ќе ги испратеа некаде од каде нема никогаш да се вратат“.

Од руската ЛГБТ мрежа велат дека создале телефонска линија за помош, за сите на кои им е потребна. Мрежата тврди дека добиле дојави за злоупотреби и мачење внатре во затворите преку мрежата.

Меѓу формите на насилство, жртвите споменувале тепање и по неколку пати на ден, удирање на рацете со електричен пендрек, а биле и принудувани да седат на шишиња, јавува Новаја Газета.