Повеќе квалитет, помалку оценки – Британија ги реформира образовните инспекции

Начинот на кој се вршат инспекциите во британските градинки, училишта и високообразовните установи ќе претрпат една од најголемите промени во последната деценија, откако Инспекторатот за стандарди во образованието (Офстед) најави нови правилници кои треба да го подобрат квалитетот на образованието.

Офстед ги оценува сите образовни установи на скала од 1 до 4 – од извонредна до несоодветна.

Инспекторатот вели дека многу од училиштата го изигруваат системот преку „учење за тестирања“, а овие реформи се насочени кон тоа младите луѓе да добиваат најдобро можно образование.

Според нив, наместо анализирање на тестовите и оценките, инспекторите треба да мониторираат како тие оценки биле постигнати и дали се резултат на широко и богато учење или мамење и учење исклучиво за тестирањето.

Токму затоа го заменуваат досегашното оценување на училиштата со вреднување на „квалитетот на образованието“ со кое инспекторите помалку ќе водат грижа за податоците за успешноста, а нивниот фокус биде ставен на суштината на образованието и она што е најбитно за учителите и наставниците.

Тоа во пракса значи дека резултатите на учениците нема да бидат клучен фактор кога инспекторите ќе ги вреднуваат училиштата.

На пример, според новите правилници, училиште кое има одлични наставници и наставна програма ќе биде оценето како извонредно и покрај тоа што учениците во тоа училиште би покажувале просечни резултати на тестирањата.

Офстед велат дека нивните досегашни истражувања покажуваат дека училиштата ги прилагодуваат наставните програми за да постигнат најдобри резултати на клучните тестирања. Ова практично значи:

  • Во градинките, наместо играње и читање со децата, вработените пишуваат „бесконечни“ извештаи.
  • Во основните училишта, наместо читање различни книги, децата се фокусираат на тестирањата.
  • Во средните училишта, учениците избегнуваат уметност, јазици и музика од 13-годишна возраст, за да се фокусираат на предметите кои се клучни за тестирањата.
  • Во високообразовните установи студентите се насочуваат кон „популарните“ предавања кои ги подигаат оценките, но не помагаат во подобрување на нивниот англиски или математика.

Новиот правилник ќе започне да се применува од септември, а покрај овие промени ќе предвидува и побрзи реакции на инспекторите и потемелни инспекции кои наместо еден, ќе траат два дена.