Повеќе од шест илјади учесници на десетиот Скопски маратон

Повеќе од шест илјади учесници од 47 држави ќе учествуваат на десетиот Скопски маратон кој ќе се одржи во недела.

Повеќе од шест илјади учесници на десетиот Скопски маратон

Во рамките на настанот ќе се реализира трката на пет километри која има хуманитарен карактер, ќе се трча полумаратон и главната трка маратонот од 42 километри. Стартот на сите трки е во 9 часот на плоштадот Македонија.

Годинава промотор на маратонот е светскиот рекордер, Кениецот Вилсон Кипсанг кој пристигнува вечерва во Скопје и ќе биде вклучен во активностите и следните два дена. За најмладите пак во текот на утрешниот ден ќе има мини маратон на кој ќе учествуваат повеќе од 600 деца од основните училишта и ќе трчаат 600 метри низ центарот на Скопје. Во организацијата на мини маратонот ќе учествуваат деца со Даунов синдром, како и членови на Здружението Трисомија 211 предводени од клубот Ескрим.

Годинава ќе се натпреваруваат четворица Кенијци и две Кенијки, натпреварувачи од Романија, Унгарија, Италија. За маратонската и полумаратонската трка ќе има парични награди, а за трката на 5.000 метри стокови награди. Првите три парични награди во маратонот во машка и женска конкуренција зависат од постигнатиот резултат. За рекордот на патеката на маратонот следува дополнителна награда од 300 евра.

Покровител на маратонот и оваа година е Град Скопје, а генерален спонзор е авио компанијата Wizz Air. Поради одржувањето на маратонот во недела, посебен сообраќаен режим ќе има на улиците во Скопје, а измени се најавени и во автобуските линии.