Повеќе од половина пратеници годинава не отвориле уста

Повеќе од половина пратеници годинава не отвориле уста

Дури 73 пратеници воопшто не се јавиле за дискусија на пленарните седници во првата половина од годинава покажува последната анализа „Мојот пратеник“, пренесува Радио Слободна Европа.

Иако заминаа на формален одмор, се чини дека најголем дел од пратениците и претходно биле одморени. Во последниве години статистиката јасно го потврдува тоа и последната анализа „Мојот пратеник“ евидентираше дури 73 пратеници кои воопшто не се јавиле за дискусија на пленарните седници во првата половина од годинава.

Триесет и девет од нив не учествувале на ниту една од седниците. За волја на вистината сето тоа е пресметано заедно со бојкотот на опозицијата. Сепак, за впечатокот народните избраници се борат подолг период наназад, се вели во анализата на РСЕ.

„Ефикасноста на овој состав во никој случај не може да се оцени како позитивна. Човечно е да има одмор и пратеникот и кој било носител на јавна функција, но ако тоа се условува со сработеното, мислам дека тешко може да добие некаква позитивна оценка или виза“, вели политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Насер Зибери.

Ако се земе бројката на донесени закони, 122 во истиот период, може да се изведе заклучок за висока продуктивност на законодавниот дом. Сепак, велат експертите, квантитетот не одговара и на квалитетот на сработеното.

„Нашите пратеници се хиперпродуктивни ако гледаме според ефектот од нивната работа, значи донесување на закони и измени, но бројот на сработени закони не соодветствува на квалитетот на сработените закони“, изјави политичкиот аналитичар Здравко Савески.

Некои од усвоените закони, како што е Законот за абортус, предизвика жестоки реакции кај борците за човекови права, големи полемики во јавноста и длабока загриженост кај 20 пратеници од Советот на Европа кои потпишаа декларација упатена до јавноста и до македонските власти.

Ако се земат предвид некои донесени закони како и постапката по која беа донесени, многу е подобро кога пратениците се на одмор, забележува професорот Савески.

Во изминативе шест месеци, Парламентот беше во сериозен застој. Кон тоа придонесоа настаните од 24 декември кога опозицијата беше исфрлена од Парламентот, а потоа и поради локалните избори. Неуспехот беше заокружен со неуспехот да профункционира Комисијата која требаше да ги испита настаните од 24 декември, на што тие се обврзаа и пред европските функционери кои со потпишувањето на мартовскиот договор имаа намера да го одврзат политичкиот јазол и да го потпомогнат продолжувањето на евроинтегративните процеси.