Повеќе од пет илјади луѓе на протестите во Сараево

Центарот на Сараево е блокиран од сирените на автомобилите и илјадниците луѓе кои денеска излегоа да протестираат поради немањето закон за матичен број на новородените деца, пренесуваат босанските медиуми.

Многу од собраните граѓани држат транспаренти во рацете на кои меѓудругото може да се прочита „Беболуција“ и „Сакаме да живееме заедно“. На протестите им се приклучија и таксистите кои со споро возење исто така ги блокираа улиците, јавува Радио Сараево.

Протестите претставуваат продолжување на големите протести што беа одржани во петокот, кога над илјада лица формираа жив синџир околу Парламентот на БиХ, тврдејќи дека нема да дозволат ниту еден пратеник да излезе од зградата додека не биде усвоен Законот за единствен матичен број. Босанските законодавци од почетокот на годината не можат да се договорат за редоследот на нумерирање на регионите, поради што сите деца родени годинава се без матичен број, пренесе Радио Слободна Европа.

Голем број студенти кои вчера излегоа на протести за да го изразат револтот од зголемувањето на школарините, вчера исто така ги поддржаа и протестите за неносењето на законот за матичните броеви.

Кон протестот вчера се приклучија и студенти од Универзитетот во Сараево, со свои барања за намалување на школарината.