Повеќе недоследности во работата на Комисијата за заштита од дискриминација

Повеќе недоследности во работата на Комисијата за заштита од дискриминацијаКомисијата за заштита од дискриминација не ја препознава дискриминацијата кон лицата кои се лекуваат од опијатна зависност, укажуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Спорно за нив е тоа што и покрај претставката на здружението ХОПС – Опции за здрав живот, од Комисијата сметаат дека не е дискриминација тоа што овие лица добиваат понижувачки третман на ЈЗУ Универзитетска стоматолошка клиника.

„Медицинскиот персонал при стоматолошката клиника ги дискриминира лицата кои се лекуваат од опијатна зависност така што пред да започнат со какви било прегледи, ги упатува да извршат испитување за Хепатитис Ц и Б и ХИВ на Инфективна клиниката. Потоа, лицата кои имале позитивен резултат, добивале здравствени услуги во посебна просторија, каде што не се лекуваат други пациенти, а стоматологот и останатиот медицински персонал при вршењето на медицинската интервенција користеле посебна заштита (два пара ракавици, специјални одела со маски и обложување на столицата и сите апарати со посебна проѕирна фолија)“, појаснуваат од Мрежата од каде додаваат дека за ваквата ,,заштита“ пациентите треба дополнително да платат бидејќи овие трошоци не ги покрива здравственото осигурување не ги покрива.

И покрај ваквиот понижувачки третман, појаснуваат од Мрежата, Комисијата не утврди дискриминација врз основа на здравствена состојба, туку само наплаќањето на посебната заштита го сметаат за дискриминаторско постапување.

Од Мрежата укажаа и на големо доцнење дека Комисијата за заштита од дискриминација при постапувањето во одредени случаи, како и на носењето делумни и декларативни мислења.

„Барањето на жртвите на дискриминација не е барање за компромис, туку за заштита од дискриминација. Мислењата на Комисијата претставуваат извор за разбирањето на дискриминацијата, па затоа тие мора да бидат сеопфатни и донесени во доследна и законска постапка“, сметаат од Мрежата за заштита од дискриминација.