Поведена истрага против три лица за создавање нови диви депонии на Вардариште, предложен притвор

Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата Вардариште по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО.

„ОЈО Скопје поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото“, велат оттаму.

Според наводите на ОЈО, осомничените подолг временски период, се’ до 2 септември, на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.

„Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање“, наведуваат од ОЈО.

Согласно обезбедените докази, додаваат, постои основано сомнение дека осомничените вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпад, создале диви депонии спротивно на прописите за заштита на животна средина, со што влијаеле на квалитетот на почвата и воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.