Потврдена доживотната казна затвор за шест турски новинари

Турски суд ја потврди казната доживотен затвор за познатите новинари Ахмед Алтан, Мехмед Алтан, Назли Иличак и тројца други, кои беа осудени дека помагале на заговорниците на неуспешниот воен удар во 2016 година.

Новинарите, кои првично беа осудени во февруари, ја добиле казната поради наводна поврзаност со мрежата на проповедникот и бизнисмен Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого Анкара го смета за главен организатор на обидот за пуч.

Новинарите ја обжалиле пресудата, но апелацискиот суд во Истанбул одлучи да ја потврди казната.

Сите шестмина новинари немаат право на условно ослободување, што значи дека казната затвор ќе ја служат до крајот на нивниот живот, а нема да можат во иднина да бидат ниту помилувани.

Турската влада спроведува голем број на апсења по неуспешниот обид за пуч во 2016 година во кој загинаа 300 луѓе. Според влста апсењата и прогонот се легитимни и насочени кон отстранување на поддржувачите на Ѓулен од државните институции и другите општествени сфери.

Локалните и меѓународните групи за човекови права, како и голем број од турските сојузници, сметаат дека акциите се произволни и дека владата го користи обидот за пуч како изговор за да ја замолчи опозицијата во земјата.