Потрошени 6,7 милиони евра за итни набавки за заштита од корона вирусот, една третина од МВР

Вредноста на договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата е 6,7 милиони евра, а 43 % од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот, покажа извештајот од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации ЦГК кој ги следеше итните јавни набавки поврзани со заштитаод корона вирусот

Тендери добиле вкупно 186 фирми, но 43 % од вредноста на сите договори им припаѓа само на пет фирми. Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана.

Следи, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-Ком МС“.

Според новата дата база на податоци направена од ЦГК, најмногу нарачувало Министерство за внатрешни работи -МВР, со една третина од вредноста на овие договори или 2,2 милиони евра.

За 68 % од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

Од ЦГК утврдиле дека има значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.

Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.

И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.

Од ЦГК забележуваат и дека дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.