Потребно е итно чистење на каналот од Дојранското Езеро

Потребно е итно чистење на каналот од Дојранското Езеро, смета државниот секретар од Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска.

Таа денеска одржа работна средба со градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов. Од Министерството соопштија дека иако општината презема бројни активности за подобрување на квалитетот на водата на Дојранското Езеро, постојат приоритетни проекти за кои не е обезбедено финансирање.

„Како врвен приоритет се смета чистењето на каналот за истекување на езерото од грчка страна. МЖСПП ќе иницира, во соработка со МНР, соработка со грчките власти за да се спроведе чистењето во најбрз можен рок. Со чистењето ќе се влијае на подобрување на квалитетот на водата и ќе се превенираат штетите од поплави, кои во моментот ги руинираат плажите и ја срушија патеката околу езерото“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.