Потребни се законски измени за социјалната заштита да биде реалност и за Ромите, порачува граѓанскиот сектор

Поради недоверба во институциите, несоодветниот однос на вработените и нецелосните информации што ги добиваат, 92 % од Ромите не поднесуваат жалба по добиено негативно решение за остварување на некое од социјалните права.

Ова е само еден од наодите на истражувањето „Искористеност на правата од социјална и детска заштита од страна на ромската заедница“. Тоа е резултат на заедничката иницијатива на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Ромалитико – Институт за истражување и анализа на политики и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

Станува збор за анализа кога дава увид во која мера Ромите ги користеле своите права од областа на социјалната и детската заштита во 2019 и 2020 година, а анализираните аспекти ги опфаќаат степенот на информираност и процесот на поднесувањето документи, како и исходот од аплицирањето за остварување на некое право.

Со истражувањето се опфатени вкупно 950 испитаници од ромската заедница во 16 општини низ земјата.

На 36 % од учесниците во анализата не им биле објаснети условите и критериумите за остварување на правата поврзани со социјалната и детската заштита. Според испитаниците, главни причини се несподелувањето на одредени информации од страна на вработените во државните институции и недоволното познавање на македонскиот јазик. Достапноста на информациите, како и разбирањето на обврските од страна на корисниците на услугите би се подобриле доколку во центрите се вработат Роми. Овој став го делат 68 % од анкетираните лица. Дополнително, 15 % од испитаниците во анализата се почувствувале дискриминирани на етничка основа, што особено е видливо кај лицата со понизок степен на образование и е почеста појава кај мажите и кај повозрасните лица од испитаниците.

„Според добиените податоци од Министерството за труд и социјална политика, има зголемување на бројот на корисници Роми на гарантирана минимална помош, од 4161 корисници во 2019 година на 5279 корисници во 2020 година. Зголемен е бројот и на корисници на правото на образовен додаток, од 2497 корисници Роми, на 2767 корисници. Од друга страна, има намалување на бројот на корисници на правата на паричен надомест за помош и нега од друго лице, од 1158 корисници Роми во 2019 година, на 1034 корисници Роми во 2020 година“, посочуваат од невладините организации.

Оттука, за социјалната заштита да стане реалност за ромското население во Северна Македонија, според нив е потребно да се иницираат законски измени и дополнувања. Меѓудругото, со законските измени треба да се овозможи и бесплатна партиципација за болничко лекување и користење на правото на социјална сигурност за стари лица, сметаат од ХЕРА, Ромалитико и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

Истражувањето препорачува вработување стручен кадар во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари и во сите други центри каде што е детектиран недостиг на вработени лица од ромска етничка заедница, како и да се изготви упатство за работа за тамошните вработени заради обезбедување непристрасен пристап во работењето со сите корисници.

ХЕРА, Ромалитико и Иницијативата апелираат овие препораки да се земат предвид и да се направат соодветни измени и дополнувања во законите за социјална, детска и здравствена заштита затоа што само така може да се подобрат достапноста и искористувањето на правата од страна на ранливите категории, особено од ромската заедница.