Потребнa е заштита на изворите од кои граѓаните се снабдуваат со вода за пиење

Воведување на дополнителни извори за водоснабдување во водоводната мрежа би го ублажил притисокот кој го има особено во летните месеци со зголемената потрошувачка на вода за пиење. Потоа, изградба на дополнителна инфраструктура и замена на веќе дотраената ќе ги спречи губитоците на водата и ќе обезбеди подобра покриеност. Но, и зголемени контроли врз корисниците на вода е потребно за да се утврди дали водата се користи согласно намените пропишани во Законот за води.

Ова се дел од решенијата што ги нуди Евгенија Крстевска од проектот „Water4changes“ („Вода за промени“) како начин да се надминат проблемите со рестрикциите на вода. Според неа, заштитата на водата за пиење мора да биде на повисоко ниво за да се избегнат негативни последици.

„Промената во моментално важечкото законодавство  и поставеноста во управувањето со водите ќе допринесе до подобрување на пристапот до вода за пиење на граѓаните. Тоа ќе значи и решавање на проблемот на пристапот до водоводната и санитарната инфраструктура. Развојот на различни проекти во непосредна близина на изворите за водоснабдување допридонесува кон промена на режимот на водите. Ваквата пракса мора да запре“, забележува таа.

Сепак, според Крстевска, и апелите за разумно користење на водата се важни. Таа додава дека во регионите каде што се користи вода за пиење за полевање на земјоделските површини потребно е унапредување и воведување на одржливо производство на земјоделски култури.

 Од она што го имаат како податок, граѓаните од Неготино, Кочани, Дебар, Струга, Тетово, Градско, Штип, периодично и во Прилеп и Крушево се соочуваат со рестрикции на вода.

„Поради фактот што градовите се шират и имаме прираст на населението, потребно е во планирањето на градовите да се земе во предвид и капацитетот на водоводната инфраструктира и колку истата може да поддржи зголемена побарувачка на вода за да не дојде до рестрикции на водата за пиење. Мораме да напомениме дека во населбите на некои градови каде што живеат ранливи групи на граѓани отсуствува водоводната мрежа и тоа претставува голем проблем за овие луѓе кој итно мора да се адресира“, посочи Крстевска, додавајќи дека подеднакво важна е и комуналната инфраструктура, која се соочува со слични проблеми.

„Опремата за откривање на истекувања e скапа“

Најчесто рестрикциите настануваат во летните месеци кога има намалена издашност на изворите и зголемена потрошувачка на вода. Во некои случаи каде што од регионален водоснабдителен систем се снабдуваат со вода неколку градови, доаѓа до рестрикција на вода за обезбедување на вода на сите корисници на тој систем.

„Тоа најчесто се случува како последица на намалената издашност на зафатите на вода и тоа особено кај водоснабдителни системи кои водата ја зафаќаат од површински извори или бунари и ретко кај водоснабдителни системи кои вода добиваат од езера (природни или вештачки), а може да биде и последица и на некој сериозен дефект на транспортни или дистрибутивни цевководи со голем капацитет“, велат од АДКОМ – Здружението на даватели на комунални услуги.

Најчестите проблеми кои може да настанат во водоводната мрежа се дефект на некој од пумпните бунарски агрегати, дефекти во филтер станици, препумпни станици и слично, а може да биде и несоодветен избор на пумпни агрегати, посочуваат од АДКОМ.

„После санација на дефект од таков вид водоснабдителниот систем се враќа во нормална работа. А доколку се е во ред со опремата и објектите, тогаш може да има некој неоткриен дефект кој треба да се пронајде и да се санира како би се запреле истекувањата. Исто така, проблем кој може да се појави кога има доволни количини на вода, а пак не може да се обезбеди континуирано водоснабдување, е складишниот капацитет (резервоарите), во таков случај треба да се инвестира во изградба на нови резервоари“, истакнуваат од здружението.

И тие предлагаат правење на нови водозафати со кои би се обезбедиле нови количини на вода. Се согласуваат да има и проактивна политика за пронаоѓање на корисници кои неовластено користат вода без мерење, најчесто за наводнување на земјоделски површини со вода за пиење и тоа како што велат, во сериозни количини кои можат да го дестабилизираат водоснабдителниот систем.

„Во нашата држава поради староста на водоснабдителните системи голема улога има и загубата на вода која исто така има огромно влијание врз количините на вода кои се потребни, особено во летен период на зголемена побарувачка на вода. Давателите на услугата водоснабдување во такви случаи треба да започнат со намалување на загубите на вода, односно да ги откријат со соодветна мерна опрема сите сериозни истекувања од водоводните инсталации кои не се појавуваат на површината. Со откривање на загубите на вода и нивно намалување, може во многу голема мера да се подобри водоснабдувањето на еден водоснабдителен систем бидејќи не е исто да има ~60% загуба или ~15-20%. Опремата за откривање на истекувања сеуште е со многу високи цени и давателите не се во состојба со нивната финансиска состојба сами да ја набават. Едно од можните решенија е повеќе соседни даватели на услугата да набават таква опрема и да обучат свој кадар кој ќе ја управува“, велат од АДКОМ за Радио МОФ.

„Го планираме животот според рестрикцијата“ – дефектите и несовесноста ги празнат чешмите

Е.П.