Потребна е нова енергетска стратегија во Македонија

Потребна е нова енергетска стратегија во Македонија

Македонија има застарена стратегија за развој на енергетиката до 2030 година, земјава е зависна од увоз на енергија кој стигнува до 50 отсто, но и од фосилни горива бидејќи 80 отсто од примарната енергија доаѓа од јагленот и нафтата. Ова се дел заклучоците на јавната дебата на тема „Како изгледа енергетската иднина на МК и како изгледа енергетската иднина на ЕУ” со која и официјално се отвори Европската недела на одржлива енергија.

Само 13,8 отсто од енергијата во земјава доаѓа од обновливи извори , а Македонија е земја со исклучително висок енергетски интензитет, 40% повисок од земјите на ЕУ што се должи на лигнитот со лош квалитет, неефикасното користење енергија, големите загуби во преносот и дистрибуцијата и застарените производствени капацитети, беше посочено на дебатата.

Во време кога ЕУ планира до 2050 година да има 0% фосилни горива и високи даноци за оние држави кои ќе користат ваквите горива согласно „emission trading system” (ETS) директивата, присутните забележаа дека моменталната енергетска стратегија во земјава остава голем финансиски товар на идните македонски генерации кога ќе треба да ја прифатат ETS директивата.

2

Од дебатата произлегоа следните заклучоци и препораки:

• Инвестициите мора да се насочат кон мерки за енергетска ефикасност развој на соларната енергија чиј потенцијал воопшто не е искористен (во стратегијата се планира соларната енергија да има 0,2% застапеност)

• Потребно е целосна ревизија на стратегијата за развој на енергетиката или изработка на нова која ќе соодвествува на стратегијата на ЕУ

• Во услови на застарена енергетска стратегија и недоволна политичка воља за развој на обновливи извори на енергија, процесот на децентрализација и локалните иницијативи имаат клучна улога во правилно развивање на секторот енергетика. (пример во Германија, 51% од енергијата ја поседуваат граѓаните, а останатиот дел енергетските компании.)

• Плановите за големите хидроцентрали да се ревидираат, особено оние кои предизвикуваат опасност за уништување на непроценливо природно богатство (пр. Националниот парк Маврово – Луково поле и Бошков мост).

• Искористување на биомасата како обновлив извор на енергија мора да биде контролиран и со дефинирани критериуми за одржливост на дрвјата и шумите.

• Се препорачува реструктуирање на националните институции за создавање на суштински резултати во областа на животна средина и енергетиката, како по примерот на Франција, Министерството за животна средина ја добива и областа енергетика под нејзина надлежност поради тесната поврзаност на областите.

Европската недела на одржлива енергија 2013 се одржува од 24-ти до 28-ми јуни и вклучува голем број настани за промоција на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.  Гоу Грин како дел од  Платформата за младинска одржливост трета година по ред го организира официјалното отворање во форма на дебата во ЕУ инфо центарот во Скопје.