„Потрага по загубеното богатство“ – детска авантура во дивина

„Потрага по загубеното богатство“ е темата на филмската авантура што летово ќе се снима во рамки на филмскот детски камп во периодот од 26-ти јуни до 1-ви јули, во организација на КЦ „Тинтири Минтири“ и Аурипигмент продукција од Скопје.

Група деца секојдневно ќе работат на задачата – снимање филм на тема „Потрага по загубеното богатство“, каде децата вистински ќе бараат богатство и ќе го најдат, а сето тоа ќе биде снимено со филмска камера.

Во текот на снимањата децата покрај усовршувањето на актерските вештини ќе стекнат основни знаења за тоа што и како се режира, како се снима и се продуцира едно филмско дело, како се поставува природно и вештачко светло, работа со тон и уште многу други работи поврзани со филмот.

Воедно, со помош на инструкторот за техники на преживување во природа, децата ќе се стекнат и со основните вештини за снаоѓање во природа и напредни извиднички техники: палење на оган, подготвување на храна во природни услови и со користење на природни ресурси, поставување на камп, прва помош и заштита и сл.

Пријавувањето за кампот е во тек, а рокот е до 20 јуни 2015.

Снимениот филм ќе биде презентиран јавно, спакуван како адаптирано аудио-визуелно четиво за деца.

Секое дете учесник во кампот ќе добие примерок од финалниот производ и дел од „пронајденото богатство“.