„Никој не сака да бега од својот дом поради насилство“ и „Никој не сака да биде претепан во својот дом“ се некои од пораките што деновиве може да се слушнат во рамки на медиумската кампања „Потпишувам“, чија цел е спречување на насилството врз жената и семејното насилство.
Кампањата се залага за подигнување на јавната свест околу потребата од ратификација и примена на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство на Советот на Европа, позната и како Истанбулска конвенција.
Овој документ за прв пат ги регулира сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство. Досега 27 земји ја потпишале Конвенцијата, а 8 земји ја ратификувале. Македонија ја потпиша Конвенцијата во јули 2011 година, но се наметнува потребата од забрзување на процесот нанејзинаратификација, бидејќи системот за заштита од семејно насилство во Македонија се соочува со многу предизвици на кои државните институции треба да одговорат.
Дел од кампањата се и онлајн петицијата, како и механизмот за т.н. „бомбардирање“ на релевантните институции и организации со електронски пораки, што може да се најдат на ТУКА. Кампањата „Потпишувам“ е дел од регионалниот проект „Со заеднички напори – кон нови европски стандарди во заштита на жената од родово базирано насилство“, кој е финансиран од Европската Унија, а во Македонија го спроведува НВО Национален совет за родова рамноправност, пренесе порталот Актив.