Потпишан договорот за името, најавени протести и во двете држави

„Поместивме планини“, рече премиер Зоран Заев пред да биде потпишан договорот за спорот со името.

На брегот на грчката страна од Преспанско Езеро, министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ставија потпис за решавање на тридецениското прашање.

Договорот го потпиша и посредникот на Обединетите Нации, Метју Нимиц, кој спогодбата ја нарече „правична, чесна и спроведлива“.

Договорот гласи – ерга омнес име за земјава ќе гласи Република Северна Македонија, со македонски јазик и националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

„Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“, е насловот на договорот.

На церемонијата присуствуваа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

„Да се има став е европски манир. Исто како што е европски да се разговара и да му се даде шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување“, рече Заев.

Договорот е патриотски, смета грчкиот премиер Алексис Ципрас, и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

На крајот од церемонијата, премиерот Заев ја извади својата вратоврска и му ја подари на Ципрас.

Што следува по потпишувањето на договорот?

На почетокот на следната недела на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој од самиот почеток најави дека нема намера да го направи тоа.

Протести и во двете држави

Потпишувањето на договорот предизвика револт и во двете држави каде со денови се одржуваат протести. За денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави протест во Битола. Ставот на партијата е дека договорот се коси со државните и националните интереси на државата, нарекувајќи го капитулација.

Изминатава недела граѓани се собираа пред Собранието во Скопје во знак на револт обвинувајќи ја власта за предавство. Сличен став имаат и грчките демонстранти кои паралелно протестираат во Атина, со таа разлика што тие се гневни на нивната власт бидејќи признала македонска националност и име. За денеска најавија протест во Преспа.