Потпишан договорот во Париз за креирање на Регионалната канцеларија за младинска соработка

Договорот за креирање на Регионалната канцеларија за младинска соработка(РКМС), кој се смета за најзначајната младинска политика за регионот, беше потпишан на маргините на самитот за Западен Балкан во Париз, каде се разговара за моменталните предизвици во регионот.

На младинскиот форум организиран во рамки на самитот учествуваа и дванаесет претставници на младинските организации од земјава. Форумот беше посветен на четири области на делување како образование, вработување, учество и медиуми.

Земји-потписнички на Декларацијата за основање на РКМС се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Албанија. Седиштето ќе биде во Тирана, но во секоја од земјите-потписнички ќе се отвори и национална канцеларија.

Воспоставувањето на Регионалната канцеларија за млади има големо значење за младите во земјавата, како важна младинска политика за регионот. Македонија ќе има 2 члена во Управниот одбор што е највисоко тело на РКМС, од кои еден претставник од Агенцијата за млади и спорт (АМС), и еден претставник на младите. За таа цел по завршувањето на самитот, претставниците на младинските организации и Агенцијата за млади спорт заеднички ќе ги утврдат роковите, критериумите и начинот на избор на претставникот.

Првичниот буџет на канцеларијата се состои од два милиони евра. Од нив, 50 проценти доаѓаат од владите на земјите членки, а останатото е придонес од донатори.