„Потенцијалот на креативната технологија“ – интерактивно предавање за технологиите како уметност

Центар-Јадро утре (16 декември) од 19 часот повикува на онлајн интерактивно предавање „Потенцијалот на креативната технологија: алатки за едукација, создавање и прикажување уметност”, кое ќе биде во соработка со проф. Анис Сефиданис и ФОНТИС универзитетот од Холандија.

„За време на ова предавање, професорите Јан Стаес (Универзитет за ликовни и изведувачки уметности Фонтис, Холандија) и д-р Анис Сефиданис (Универзитет за информатичка технологија и наука Св. Апостол Павле, Охрид) и уметниците Алесандро Ола и Ивана Балабанова ќе разговараат за тоа како VR и други технологии може да се користат за подучување, создавање и споделување уметност. Тие ќе се фокусираат на креативна технологија која е достапна за сите и не бара специјализирано знаење или опрема. Предавањето ќе биде на англиски, а модератор е Мааике Феккес“, велат од Центар-Јадро.

Секој кој веќе експериментирал со креативната технологија или сака да се запознае со нејзините можности, е добредојден да се вклучи во дискусијата, повикуваат од таму.

Потенцијалот на креативната технологија е второто предавање од серијата предавања организирани од КСП Центар-Јадро и ФОНТИС Универзитетот, во рамките на програмата на КСП Центар-Јадро „Уметност, образование и технологија во ерата на (пост) КОВИД-19“.

Настанот е дел од годишната програма на КСП Центар-Јадро, поддржана од Министерството за култура.