Постои можност за загадување на водите на Тетово од мала хидроелектрана што се гради на Шар Планина, вели Ана Петровска

Постои потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово од една од малите хидроелектрични централи кои се градат на реката Пена, односно од хидроелектрана која е најнапредната со градба и која е лоцирана највисоко на планината, соопшти на денешната прес-конференција в.д. директорката на Инспекторатот за животна средина Ана Петровска.

Како што посочи Петровска, причината за тоа е, што градбите се започнати во непосредна близина на каптажата, и најави дека ќе ги следат сите документи кои досега се издадени од надлежните органи. Целта, додава, е да се обезбеди дека нема да има прекин на водоснабдувањето на населбите и нема да се уништува природата.

„Локацијата на малата хидроелектрична централа е на растојание од околу 300 метри од самата каптажа, значи, тоа како подрачје на делување, треба да биде организирано, треба градот Тетово да воспоставил веќе досега зона за заштита, санитарна зона за заштита на изворот за водоснабдување. Ние ќе побараме од Општина Тетово да видиме дали таква санитарна зона е воспоставена или не, доколку не, веднаш ќе побараме, се со цел додека тече овој процес, да бидеме сигурни дека градот Тетово нема да има проблем со водоснабдување“, додаде Петровска.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали граѓаните може да бидат сигурни дека нема да ја изгубат водата за пиење на Шар Планина, Петровска посочи дека таквата сигурност, тие можат да ја обезбедат со тоа што ќе остварат увид во сите дозволи.

„Меѓутоа, она што е најважно, ќе го задолжиме јавното комунално претпријатие, бидејќи додека не утврдиме евентуална потреба од ревидирање на дозволите издадени за изградбата, тие ќе мора да си го заштитат изворот, каптажата“, додаде Петровска.

Во меѓувреме течат подготовките за усвојување на новиот Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Но, од еколошката невладина организација Фронт 21/42 посочуваат дека тој е „скроен“ да овозможи мали хидроцентрали во заштитеното подрачје. Дополнително, оттаму посочуваат дека предлог-законот изобилува со законски прекршувања.

Фронт 21/42: „Предлог-законот за Шара е ‘скроен’ да овозможи мали хидроцентрали во заштититено подрачје“

М.К.