Постепено ќе поевтинуваат регионалните тарифи за разговори во роаминг

Министрите на Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина денеска Будва го потпишаа Протоколот со кој се предвидува постепено поевтинување на услугите за роаминг во мобилната телефонија. Четирите држави се обврзаа во следните три години да ги сведат цените за роаминг услуги на нивото одредено со Директивата на Европската комисија за подрачјето на земјите-членки на ЕУ.

мобилен телефон

„Наша цел е да се обврземе, дека низ промена на законите ќе ја намалиме цената на роаминг – услугите, на ниво како во Европската унија. Мислиме дека тоа е од голем интерес на граѓаните на Македонија, на граѓаните на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“, изјави потпретседателот на црногорската влада, Вуица Лазовиќ.

Според српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, сега претстојат три практични работи кои треба да се сторат односно треба да се дефинира точната динамика на снижување на цените на роаминг услугите следните три години, да се изменат регулативите во националното законодавство на државите кои се потписници на Протоколот, како и да се разговара со мобилните оператори, пренесе Танјуг.

„Свесни сме дека тие нема да бидат воодушевени од иницијативата, но ќе с епотрудиме да изложиме јасни економски аргументи зошто е во нивен интерес оваа спогодба да биде реализирана“, изјави српскиот министер.

Властите не очекуваат со потегот да дојде до пад на приходите на телекомуникациските компании во четирите земји, затоа што проценуваат дека намалените цени ќе се компензираат со зголемен сообраќај. Зголемен приход се очекува да остварат и вклучените земји преку данокот остварен благодарение на тоа што со пониските цени ќе се зголеми и корисничката база.